Од денеска до недела во Широки Бријег ќе се одржи последниот турнир од АБА 2 лигата по кој ќе се знаат сите екипи што ќе обезбедат пласман во плејофот, како и двојките за четвртфиналето.
Македонија сезонава има три екипи во регионалното натпреварување, а во пресрет на последните три кола, ситуацијата е ваква: МЗТ е сигурен учесник во разигрувањето за титулата, ТФТ ги загуби сите шанси, а Пелистер е на работ и му требаат победи во Широки Бријег за да го освои осмото или некое повисоко место.
Токму битолскиот тим прв излегува на терен од македонските претставници и го отвора турнирот во БиХ. Денеска, од 15 часот, Пелистер ќе се сретне со Борац Бања Лука кој е еден од директните ривали за пласман во плејофот бидејќи тим има биланс 5/5 и е со една победа повеќе од нашиот прволигаш. За Борац ќе настапи македонскиот репрезентативец Теодор Симиќ кој неодамна се врати на кошаркарските терени и игра се подобро. Денешниот натпревар е од огромно значење за Пелистер бидејќи од неговиот исход ќе зависи дали македонскиот вицешампион ќе остане во игра за четвртфиналето. До крајот на турнирот, битолскиот тим ќе се сретне со Подгорица и со Спартак кој е на делба на првата позиција.
Последните три кола се важни и за МЗТ Скопје иако овој тим го обезбеди пласманот во плејофот. Шампионот на Македонија брка колку е можно подобар пласман и избегнување на најдобрите три екипи во плејофот. Аеродромци утре ги очекува македонското дерби против ТФТ, а потоа имаат два тешки меча – против лидерот Златибор и домаќинот и главен ривал за четвртото место Широки.
РАСПОРЕД НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕКИПИ
ПЕЛИСТЕР
18.03.2024 Пелистер – Борац 15:00
21.03.2024 Пелистер – Подгорица 18:00
23.03.2024 Пелистер – Спартак 12:00
ТФТ
19.03.2024 ТФТ – МЗТ Скопје 21:00
21.03.2024 ТФТ – Војводина 21:00
23.03.2024 ТФТ – Шибенка 18:00
МЗТ СКОПЈЕ
19.03.2024 МЗТ Скопје – ТФТ 21:00
22.03.2024 МЗТ Скопје – Златибор 15:00
24.03.2024 МЗТ Скопје – Широки 18:00


