Поранешните младински репрезентативци на Македонија, Виктор Ташовски и Дамјан Крстевски се првите домашни кошаркари кои го напуштаат ТФТ ова лето.
Тоа се и први конкретни чекори во играчкиот кадар на поранешниот освојувач на Купот на Македонија по структурната реорганизација која беше направена претходниот период. Ташовски беше едно од заштитните лица на ТФТ по влезот на екипата во Првата лига, а последните две сезони и еден од најважните играчи во екипата поради што неговото заминување е големо изненадување за сите во клубот. Последната натпреварувачка кампања ја заврши со ефект од 12,1 поен, 3,5 асистенции и 1,7 на 31 одигран меч.
Крстевски е „дете“ на Работнички, а во ТФТ дојде во 2022 година од Ангели. Последната сезона ја заврши со просек од безмалку 29 минути на натпревар за кои постигнуваше по 5,3 поени и 4,6 скока.
Од останатите играчи, Ѓорѓи Зафиров има понуда од странство, но паралелно со тоа преговара со ТФТ за продолжување на соработката, Страхил Николов дефинитивно останува, исто како и Миахил Стојанов кој е еден од најмладите во тимот. Дел од ТФТ во новата сезона ќе бидат и поискусните Едис Нури, Иван Наумоски, Горјан Марковски, како и Марко Николовски. Многу веројатно, дел од тимот, трета сезона по ред ќе биде и американскиот интернационалец Дејвид Хотон, а најавени се промени во стручниот штаб за што поконкретни информации ќе има во втората половина од јули.


