По долго и тешко боледување, на 61-годишна возраст, денеска почина Ѓорѓи Божиноски, спортски директор и еден од основачите на Кошаркарскиот клуб Гостивар.
Популарниот Џоке беше еден од главните личности во некогаш амбициозниот колектив од западот на Македонија и заедно со уште неколкумина, главен иницијатор на сите позитивни текови во клубот.
„Ѓорѓи беше човек кој остави длабока трага во спортот и во заедницата. Со својата посветеност, визија и огромна љубов кон клубот, тој беше еден од темелите врз кои се градеше нашата приказна. Неговиот труд, енергија и поддршка ќе останат засекогаш дел од историјата на клубот“, објави КК Гостивар.
Со Божиноски во раководните структури, Гостивар успеа да влезе во елитната дивизија на македонската кошарка и безмалку една деценија игра важна улога во овој спорт во земјава. Поради смртта на Божиноски, одложен е утрешниот натпревар од 19. коло на Суперлигата, меѓу Пелистер и Гостивар во Битола.


