Кошаркарскиот свет остана без една од своите најголеми фигури. Дон Нелсон почина на 86-годишна возраст, оставајќи зад себе огромно наследство како играч и тренер.
Нелсон прво се прослави како кошаркар на Бостон Селтикс, со кого освои дури пет шампионски титули во НБА. Во 11 сезони со „келтите“ тој стана важен дел од една од најуспешните генерации во историјата на клубот, а неговиот број 19 подоцна беше повлечен од употреба.
По завршувањето на играчката кариера, Нелсон се посвети на тренерската работа и со текот на годините водеше неколку НБА екипи – Милвоки Бакс, Њујорк Никс, Далас Маверикс и Голден Стејт Вориорс.
Hall of Famer Don Nelson, three-time NBA Coach of the Year and five times a champion as a player with the Boston Celtics, has died at age 86.
— Marc Stein (@TheSteinLine) August 9, 2026
The family has issued this statement:
“On Sunday morning our beloved husband, dad, grandfather and great-grandfather Don Nelson… pic.twitter.com/MkDMNugYcu
Токму како тренер остави можеби најдлабока трага. Трипати беше прогласуван за најдобар тренер во НБА, а кариерата ја заврши со 1.335 победи, бројка која денес го става на второто место на вечната листа, зад Грег Попович кој има 1.390.
Особено значаен беше неговиот период во Голден Стејт Вориорс. Нелсон беше еден од пионерите на таканаречената „смал-бол“ кошарка и со своите тактички идеи значително влијаеше врз развојот на современата игра. Во 2007 година го предводеше Голден Стејт до сензационална елиминација на Далас во првата рунда од плејофот, во еден од најголемите подвизи во историјата на НБА.
Нелсон беше примен во Куќата на славните во 2012 година, со што и официјално беше потврдено неговото место меѓу најголемите имиња во историјата на кошарката.
Со неговото заминување, кошарката загуби тренер кој со своите идеи, иновативност и препознатлив стил остави длабока трага врз развојот на НБА-лигата.


