Со решение на Централниот регистар на Македонија, од денеска Бранко Радевски е нов извршен директор на Кошаркарскиот клуб Работнички.
Тој доаѓа на местото на Горан Веселиновски кој претходните три години ја извршуваше оваа функција, а со ова официјално почнуваат промените во 15-кратниот шампион на Македонија. Во исто време, направени се и промени во одборите на директори каде од денеска, покрај Радевски, членуваат и Димитар Трајчевски, Миле Илиевски, Јорго Костов и Александар Стојкоски.
Радевски и е познат на македонската спортска јавност повеќе од 25 години. На почетокот на овој век работеше како директор на фудбалските клубови Работнички и Вардар и во тој период двата колектива бележеа одлични резултати. Во кошарката влезе пред неколку години, прво ја водеше младинската школа на Работнички, односно вториот тим Работнички 2018, а потоа влезе во раководството на гигантот, како неизвршен член и сега како извршен директор.

Неговиот избор е заклучок од Седницата на акционери на Работнички одржана на 23 јуни. Клубот од Градски парк има високи амбиции за претстојната сезона, но се очекуваше официјалната промена за да се тргне во акција за засилувања и решавање на сите заостанати проблеми и долгови. Пред се тоа се однесува на осумте казни од ФИБА за долгови кон играчите кои мора да се платат за да може Работнички да почне со ангажирање странски кошаркари.


