По возбудливиот Суперкуп, само шест дена подоцна, МЗТ Скопје Аеродром и МКК Куманово повторно ќе ги одмерат силите, но овојпат во првото коло од новата сезона во македонската Суперлига.
Токму пресметката меѓу актуелниот шампион и кумановци ќе го означи стартот на новото првенство, 35 . по ред. Натпреварот во Скопје е закажан за 19 часот, а двете екипи уште на самиот почеток ќе имаат можност да покажат што можат во новата сезона. Во Суперкупот, кој се одигра во Куманово, скопскиот тим славеше со 70-68 во драматична завршница и го освои првиот трофеј за оваа сезона.
Кумановци, сепак, оставија добар впечаток и покажаа дека можат да му се спротивстават на шампионот. Токму затоа, вечерашниот дуел се очекува со посебно внимание, бидејќи и двете екипи добро знаат што ги очекува од спротивната страна. МЗТ Скопје во новата сезона влегува како бранител на шампионската титула, но и како тим кој веќе четири години освојува се што е можно во македонската кошарка. Токму затоа и сега е прв фаворит за титулата иако во текот на летото доживеа речиси целосна реконструкција на тимот во кој останаа само четворица кошаркари.
Тренерите на суперлигашите се едногласни дека оваа сезона ќе биде можеби најизрамнета во историјата бидејќи повеќе екипи имаат квалитет за да се борат за титулата. Дополнително, борбата за трофејот поинтересна ја прави фактот што КФМ го намали бројот на странци во тимовите, па максимумот сега е тројца, што треба да отвори повеќе простор за македонските кошаркари и помало влијание на „дојденците“.
Во новата сезона, Суперлигата ќе биде скратена на десет екипи. Покрај МЗТ Скопје и МКК Куманово, дел од елитното друштво се Маџари, Пелистер, ТФТ, Кожув, Тиквеш, Работнички, Струмица и Штип.
Првата фаза ќе се игра во 18 кола, по што шесте најдобро пласирани екипи ќе продолжат во плејофот. Четирите најдобри директно ќе обезбедат место во полуфиналето, додека екипите пласирани од седмото до десеттото место ќе се борат за опстанок преку плеј-аутот.
Иако претстојната сезона е 35. во историјата на македонската кошарка, досега се доделени 33 трофеи. Најуспешен и натаму е Работнички со 15, МЗТ Скопје има 13, Фени Индустри (сегашен Тиквеш) три, а Николферт и Струмица по една. Во сезоната 2019/20 не беше прогласен шампион поради пандемијата со корона вирусот.


