Еден од најодговорните за бурата во Партизан последните недели Тајрик Џонс најверојатно ќе биде првиот што ќе си замине од „црно-белото“ јато.
Американецот беше посочен како виновник за заминувањето на Жељко Обрадовиќ, но и како лидер на „бандата“ која го окупира клубот и ги прави сите проблеми. Грчките медиуми објавија дека за него се заинтересирал Олимпијакос и дека најверојатно претстојната недела Џонс ќе замине во Пиреја.
Она што не му одговара на Партизан во овој случај е што Олимпијакос не сака да плати отштета за Американецот, туку ќе чека двете страни да се договорат за спогодбен раскин на договорот. Според информациите од Грција, Олимпијакос подготвил договор на 2,5 години кој ќе биде потпишан веднаш штом Џонс добие чисти документи од Партизан.
Со последниот развој на настаните, јасно е дека за Џонс нема иднина во Партизан. Последните недели неколку пати дојде до судир меѓу него и навивачите на белградскиот клуб, а малку недостасуваше да има тепачка со еден од фановите по мечот против Макаби во четвртокот. Не е исклучено по него да си заминат и други кошаркари кои беа означени како проблематични, како Стерлинг Браун и Џабари Паркер.


