Завршниот турнир од Евролигата почнува попладнево во Атина и ќе трае до недела. Во првото полуфинале во 17 часот, Олимпијакос ќе игра против бранителот на трофејот Фенербахче, додека во шпанското полуфинале во 20 часот, ќе се сретнат Реал и дебитантот Валенсија.
Финалето ќе се игра в недела во 20 часот, а новина е што натпреварот за третото место е откажан оваа година.
Трикратниот европски шампион Олимпијакос е најдобар тим во регуларната сезона втора година по ред, а трет во последните четири, но 13 години чека на трофејот од Евролигата. Јоргос Барцокас беше тренер кога Олимпијакос последен пат беше европски шампион во 2013 година, па Гркот се надева дека може да освои уште еден трофеј.
На патот до финалето, клубот од Пиреја се среќава со бранителот на титулата Фенербахче, двократен победник на Евролигата. Турскиот клуб играше фантастично во првите две третини од сезоната, но потоа излезе од колосек. И покрај тоа, Фенербахче успеа да стигне до својот шести последователен Фајнал Фор и да ги одржи надежите за одбрана на трофејот.

Најуспешниот европски клуб, Реал Мадрид, освојувач на 11 европски првенства, ќе игра на Ф4 значително ослабен, но Мадрид сè уште верува во нов триумф. Тренерот Серџо Скариоло е без Валтер Таварес и Алекс Лен поради повреди, но има квалитетен и искусен тим за уште еден голем успех.
Валенсија, дебитантот во Фајнал Фор, е најпријатното изненадување во Евролигата оваа сезона. Екипата на Педро Мартинез стана само втората екипа во историјата што се квалификуваше на завршниот турнир откако загуби со 0-2 дома на почетокот од четвртфиналната серија и сега се надева на ново чудо во Атина, во салата каде што неодамна двапати го победи Панатинаикос. Токму во Валенсија игра единствениот македонски репрезентативец што ќе учествува на завршниот турнир – Омари Мур.


