Од денеска до 15 август во Скопје и Гевгелија ќе се одржи Европското кадетско првенство од дивизијата Б, трето по ред во нашата земја.
Практично, ова ќе биде петти пат по ред во Македонија да се игра првенство за кошаркари до 16 години бидејќи во 2022 и 2023 се одржаа оние од А-дивизијата. Македонската репрезентација ќе биде во една од двете групи чии натпревари ќе се играат во Гевгелија и е подготвена да се бори за враќање во елитната конкуренција каде играше од 2019 до 2023 година.

За да се случи тоа, прво треба да се помине незгодната група во која се наоѓаат Кипар, Исланд, Хрватска, Украина и Швајцарија. Во четвртфиналето ќе се пласираат најдобрите две репрезентации во групата, а Хрватска е еден од најголемите фаворити за титулата на овој шампионат. Пласман во А-дивизијата обезбедуваат најдобрите три репрезентации на првенството.
Македонската репрезентација веќе има огромна поддршка од навивачите во Гевгелија, а вечер, на отворањето против Кипар се очекува полна сала. Ова е првпат градот на југот од земјава да биде организатор на ваков голем настан и затоа возбудата кај љубителите на кошарката, а и на спортот воопшто е голема.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
06.08 Македонија – Кипар 18:30
07.08 Македонија – Исланд 18:30
08.08 Македонија – Хрватска 18:30
10.08 Македонија – Швајцарија 18:30
11.08 Македонија – Украина 18:30
*Натпреварите се играат во спортска сала „26.април“ – Гевгелија


