Од денеска до 14 септември, во Кипар, Финска, Летонија и Полска ќе се одржи 42. Европско кошаркарско првенство за мажи.
Една од најголемите манифестации во светот на спортот повторно ќе ги собере најдобрите 24 селекции на континентот, а бројните НБА ѕвезди гарантираат квалитет и неизвесност до крајот. Репрезентациите се поделени во четири групи, а во нокаут фазата ќе се пласираат најдобрите четири од секоја група.

Месеци наназад се зборува за моќта на српската репрезентација која речиси сите релевантни фактори ја прогласија за убедливо најголем фаворит за шампионската титула. „Орлите“ немаат трофеј од големи натпреварувања од осамостојувањето во 2006 година, а последниот успех датира од 2002 година кога под името СР Југославија, во заедница со Црна Гора триумфираше на Светското првенство во Индијанаполис.
Србите го имаат можеби најдобриот светски кошаркар во моментов Никола Јокиќ, но и речиси истиот тим кој лани на Олимписките игри покажа дека има квалитет да биде водечка светска кошаркарска сила. Екипата е добро покриена на секоја позиција, а селекторот Светислав Пешиќ беше на слатки маки при изборот на кошаркарите кои ќе настапат на првенството. Србија е и во една од најлесните групи, во Рига каде не би требало да има проблем при освојувањето на првото место.
Сепак, ни останатите репрезентации не одат на прошетка на овој шампионат. Светскиот првак Германија ќе ја брка првата континентална титула по пауза од 32 години, а Франција за време на подготовките покажа дека и подмладена ќе има што да каже на првенството имајќи предвид дека оствари победи на сите пет натпревари. Од сенка својата шанса ќе ја чекаат Литванија, Турција и Грција, а интересно е тоа што никој не го спомнува бранителот на титулата Шпанија кој исто така драстично ја подмлади екипата и направи тим за иднината.
Натпреварите од групната фаза ќе се играат во Лимасол, Тампере, Катовице и Рига, а нокаут делот е на програмата во главниот град на Летонија.


