Новата сезона во Еврокупот почнува денеска и со себе носи и значителни промени во форматот на натпреварувањето. За првпат, во второто по ранг европско клупско натпреварување ќе настапат 32 екипи, поделени во четири групи со по осум тимови, што носи поголем број натпревари и уште подолг пат до завршницата.
Новиот, погломазен систем ќе донесе голем број европски дуели уште од групната фаза, а секој тим ќе има можност да се соочи со различни противници од повеќе кошаркарски средини. Со тоа, Еврокупот продолжува да ја зголемува својата конкурентност и да нуди сериозна европска сцена за клубовите кои се стремат кон врвот.
Во ваков формат, Македонија ќе има двајца свои претставници – Андреј Јакимовски и Ненад Димитријевиќ, кои со своите клубови Наполи и Арис ќе бидат дел од оваа сезона.
Јакимовски втора година по ред ќе учествува во ова натпреварување откако лани беше член на Тренто. Македонскиот репрезентативец постепено ја гради својата позиција на меѓународната сцена, а натпреварите во Еврокупот ќе бидат дополнителен тест за неговите квалитети. Димитријевиќ, пак, во новата сезона влегува со значително европско искуство зад себе и по (полу)сезоната помината во Евролига. Во текот на подготовките тој се наметна како еден од лидерите на Арис и се очекува да блесне во Еврокупот.
Покрај двајцата репрезентативци, во Еврокупот ќе биде и македонскиот стручњак и член на стручниот штаб на националниот тим Ѓорѓи Кочов кој повторно е во улога на асистент на Кемниц.
Во првото коло, Наполи ќе се сретне со бранителот на титулата, Бург, Арис гостува на Ле Ман, а Кемниц на Тофаш.


