Со првиот дуел од серијата меѓу Крива Паланка и Вардар денеска почнува плејофот во Првата женска кошаркарска лига.
Крива Паланка беше убедливо најдобар тим во основниот дел од првенството и ќе ја има предноста на домашниот терен и во полуфиналето и во евентуалното финале и ќе се обиде да го освои првиот трофеј во својата историја. Настапите во ВАБА 2 лигата оваа сезона помогнаа да се стекне неопходното искуство, а Крива Паланка, предводена од еден од најперспективните тренери во земјава Виктор Петровски, покажа дека може да се носи и со екипите од регионот.
Тимот од истокот на земјава има и квалитетни странски кошаркарки кои имаа огромна заслуга за првото место. Вардар направи неколку изненадувања во текот на сезоната и ќе се обиде истото да го повтори и во серијата со Крива Паланка.
Втората серија почнува утре, а во неа се срееќаваат Баскет Кам и Бадел. Шампионот оваа сезона ќе биде на тежок испит затоа што конкуренцијата е далеку посилна што можеше да се забележи и во текот на основниот дел од првенството. Доживеа дури пет порази од кои три од Вардар и по еден од Бадел и Крива Паланка, практично од сите ривли во плејофот. Бадел одлично го одигра последниот сегмент, оствари шест победи на седум натпревари, а вкупно во 2026 година има само еден пораз и тоа на гости кај Крива Паланка.
Сето ова најавува жестока битка за шампионската титула, можеби најинтересна во историјата на македонското женско кошаркарско првенство.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
18.04.2026 Крива Паланка – Вардар 18:30 часот
19.04.2026 Баскет Кам – Бадел 14:00


