Женската кошаркарска репрезентација на Македонија денеска ги започнува настапите во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. Прв противник на избраничките на новиот селектор Виктор Петровски ќе биде Романија, во натпревар кој ќе се одигра во Букурешт.
За македонската селекција ова е почеток на нов циклус, во кој главниот акцент ќе биде ставен на подмладувањето и создавањето тим што во наредниот период треба да ја врати Македонија во посериозна конкуренција на европската сцена.
Натпреварот ќе се игра во салата „Поливалента Рапид“, со почеток од 17 часот. Станува збор за дуел од првото коло во групата Ц, во која покрај Македонија и Романија се наоѓа и селекцијата на Естонија.
Селекторот Виктор Петровски на располагање има значително подмладена репрезентација, во која недостасуваат дел од поискусните кошаркарки кои во изминатите години беа носители на националниот тим.
На првите тренинзи во Скопје работеа 12 кошаркарки, а дополнително во Букурешт на репрезентацијата ѝ се приклучија Цветанка Димова, која настапува во Грција, и Теа Митрева, која игра во Италија. Нивното искуство треба да биде значајна помош за младиот состав.
Пред почетокот на новиот циклус, репрезентативката Сања Адамовска испрати оптимистичка порака, нагласувајќи дека атмосферата во тимот е одлична и дека сите кошаркарки се подготвени да го дадат максимумот.
„Во овој ростер фалат доста искусни кошаркарки кои ја одбележаа македонската кошарка, но овој подмладен состав има натпреварувачки дух и желба за успех. Задоволна сум од хемијата и позитивата на тренинзите. Очекувам голема борба против Романија“, порача Адамовска.
Интересно е што двете репрезентации имаат само еден претходен официјален меѓусебен натпревар евидентиран во статистиката на ФИБА. Во квалификациите за Европското првенство во 1999 година, Романија славеше со 52-46.
По повеќе од четврт век, селекциите повторно ќе се сретнат во европски квалификациски циклус, овојпат со многу поинакви состави и нови амбиции. По гостувањето во Букурешт, Македонија ќе се врати дома, каде што на 14 ноември во Штип ќе ја пречека Естонија во својот прв домашен натпревар од претквалификациите.
За подмладената македонска репрезентација, дуелот со Романија ќе биде првиот вистински тест и можност да покаже дека и покрај промените, има потенцијал да се наметне во новиот европски циклус.


