Еден ден по 18. роденден, Ања Начевска со својот тим Вардар стана јуниорски шампион на Македонија.
На патот до трофејот, „црвено-црните“ ги совладаа Крива Паланка и МЗТ Скопје и ја потврдија својата доминација во оваа конккуренција. Статистички, најголем придонес за титулата имаше сениорската репрезентативка на Македонија, Ања Начевска која на крајот беше прогласена и за МВП на завршниот турнир.

Со тоа, Начевска не само што ја комплетира колекцијата трофеи во младинските категории, туку и ги обедини сите МВП признанија. Пред четири години беше најкорисна на завршниот турнир во пионерска конкуренција, во 2023 година ја доби истата награда кај кадетките, а сега и кај јуниорките. Нема точна евиденција за овие признанија, но прашање е дали некој во историјата успеал да го направи ова што ѝ успеа на повозрасната од сестрите Начевски.
Ова е нејзина последна сезона во младинската кошарка, но многу веројатно нема да има проблеми при транзицијата од јуниорки во сениорки затоа што веќе три години е стандардна првотимка на прволигашот Вардар со кого во февруари го освои Купот на Македонија, а од 2023 година е и сениорска репрезентативка на Македонија, како една од најмладите во историјата.


