Идната недела Партизан официјално ги почнува подготовките за новата сезона, а дотогаш, дел од поранешниот европски шампион може да стане и повремениот српски репрезентативец Алексеј Покушевски.
Медиумите во Србија тврдат дека тој е во завршни преговори со „црно-белите“ и дека ќе биде претставен заедно со останатите засилувања во тимот. Покушевски има 22 години, а претходните три сезони ги помина во НБА лигата, прво во Оклахома која го избра како 17. пик на драфтот, потоа во Шарлот каде ја заврши последната натпреварувачка кампања.
Хорнетс потоа објавија дека не сметаат на него, па младиот крилен играч во моментов е без екипа со тоа што не постои голем интерес за него и кај другите НБА франшизи. Поради тоа се очекува да потпише со Партизан и да се обиде да ја оживее кариерата што воопшто нема да биде лесно бидејќи во белградскиот клуб ќе има голема конкуренција претстојната сезона.
Досега, Партизан претстави само три засилувања: Вања Маринковиќ, Франк Нтиликина и Ифе Лундберг, но претседателот Остоја Мијаиловиќ најави дека останатите играчи ќе бидат промовирани по Олимписките игри.


