Филаделфија 76 уште еднаш ќе се обиде да ја нападне шампионската титула во НБА лигата и тоа со еден од играчите со најдолг стаж.
Нов играч на Сиксерс е 34-годишниот крилен кошаркар Пол Џорџ кој одби да го продолжи договорот со Лос Анџелес Клиперс и отиде да им помогне на Жоел Ембид и Тајрис Макси, формирајќи супер-трио. Џорџ потпиша договор на четири години за вкупна сума од 212 милиони долари.
Претходните пет сезони тој ги помина во Клиперс за кои одигра 263 натпревари со просек од 23 поени, 6 скока и 4,5 асистенции, но во комбинација со Кавај Ленард, Џејмс Харден и Расел Вестбрук не успеа да го однесе тимот ни до финалето.
Покрај него, Филаделфија ги донесе и ветераните Ерик Гордон и Андре Драмонд, а го продолжи и договорот со Кели Убре кој и следните две сезони ќе го носи дресот на Сиксерс.


