Кошаркарската репрезентација на Босна и Херцеговина остана без Александар Лазиќ и помошниот тренер Зоран Петковиќ непосредно пред патувањето за Литванија, каде што селекцијата ја очекува натпревар од квалификациите за Светското првенство.
Од Кошаркарскиот сојуз на БиХ потврдија дека двајцата се одвоиле од репрезентацијата на аеродромот во Белград, откако добиле повик од својот клуб – Игокеа. Од сојузот не дадоа дополнителни детали, наведувајќи дека тоа е сè што можат да кажат во моментот.
Сепак, босанскохерцеговските медиуми објавија поинаква позадина на случајот. Според нивните информации, Милорад Додик наводно побарал Лазиќ и Петковиќ да ја напуштат репрезентацијата, при што добиле закана за губење на работните места во Игокеа доколку продолжат со националниот тим кон Литванија. Лазиќ е кошаркар на Игокеа, додека Петковиќ работи како помошник-тренер во клубот од Лакташи. Според објавените информации, интервенцијата се случила додека репрезентацијата патувала од Тузла кон аеродромот во Белград.
Случајот доаѓа само еден ден по натпреварот меѓу БиХ и Италија, во кој домаќините остварија голема победа од 78-76 во вториот круг од квалификациите за Светското првенство. Лазиќ настапи на тој натпревар и постигна седум поени.
Според информациите што ги пренесуваат медиумите, причината за наводниот притисок се поврзува со случувањата на трибините за време на натпреварот во Тузла и скандирањата на навивачката група „БХ Фанатикос“ кои пееле песни против неодамна починатиот хашки осуденик за геноцид Ратко Младиќ. Станува збор за наводи на босанскохерцеговски медиуми, додека од Кошаркарскиот сојуз на БиХ засега не ги потврдија овие тврдења.
За репрезентацијата на БиХ, сето ова доаѓа во незгоден момент. По победата над Италија, селекцијата продолжува со борбата за пласман на Светското првенство, а следниот предизвик е гостувањето кај Литванија. Натпреварот е закажан за понеделник од 17:30 часот, а БиХ ќе мора да се обиде да стигне до позитивен резултат без Лазиќ и Петковиќ.
Случајот предизвика големо внимание во босанската јавност, а останува да се види дали Игокеа, Додик или Кошаркарскиот сојуз на БиХ дополнително ќе се огласат и ќе ја разјаснат целата ситуација.


