Неверојатен резултат е забележан на Европското првенство за кадетки, откако Шпанија ја декласираше Бугарија со 128-13 во натпреварот од А-дивизијата.
Шпанките од самиот почеток покажаа целосна доминација и практично немаа никакви проблеми на патот до убедливата победа. По првата четвртина водеа со 35-3, а до полувремето предноста порасна на неверојатни 72-6.
Ниту во продолжението немаше промена на односот на силите. Шпанија постигна уште 29 поени во третата и 27 во последната четвртина, додека Бугарките во второто полувреме успеаја да постигнат седум поени.
Шпанската селекција имаше одлични 70 проценти реализација за два поени, а натпреварот го заврши со дури 40 асистенции, 35 украдени топки и индекс на успешност од 202. Од друга страна, Бугарија имаше сериозни проблеми во нападот – само 3/21 за два поени, 2/21 за три и 1/7 од линијата за слободни фрлања. Дополнително, Бугарките загубија дури 48 топки, што Шпанија максимално го искористи.
Особено впечатливи се статистиките за поените од грешките и играта во рекетот. Шпанија постигна дури 68 поени по грешките на противникот и 90 поени во рекетот, наспроти само четири и шест поени на Бугарија во овие категории.
За Шпанија ова беше втор убедлив триумф на првенството. На стартот ја совлада Чешка со 109-40, па по првите две кола веќе покажа дека ќе биде еден од главните кандидати за највисок пласман. Бугарија, пак, по двата натпревари има два убедливи порази, откако претходно загуби од Полска со 52-80.


