Американскиот интернационалец Мозес Рајт доби македонско државјанство и би можел во иднина да го облече дресот на нашата кошаркарска репрезентација.
Барањето за негова натурализација е поднесено и одобрено на седницата на Владата на РМ на 19 јуни. Евентуалното играње на Мозес Рајт за македонската репрезентација значително ќе ја засили центарската позиција во националниот тим каде во моментов сме и „најтенки“.
Со добивањето на македонското државјанство, за Рајт се отворени вратите за договор со Барселона која е сериозно заинтересирана за неговиот потпис. Во шпанското првенство има опција за само двајца кошаркари од САД, односно надвор од европскиот континент, а Рајт би можел да настапува како домашен играч, без да фаќа место за странец. Пред две години тој имаше обид да добие и кипарско државјанство, но сето тоа се изјалови.
Мозес Рајт има 27 години, висок е 206 сантиметри, но важи за еден од најмоќните кошаркари во европската кошарка. Последната сезона ја помина во Жалгирис, претходно играше за Олимпијакос, Меркезефенди и во Кина, а една сезона помина во НБА лигата, во екипите на Далас и Лос Анџелес Клиперс, но без посериозен ефект.


