Некогашниот европски шампион Босна денеска ја освои титулата во домашното првенство откако во финалето беше подобра од Игокеа.
Во босанскиот шампионат, финалето се игра на два натпревара и титулата ја освојува тимот кој има подобра кош-разлика на двата меча. На првиот, како гостин, Босна победи со 76-70, па требаше само да ја сочува таа разлика за да ја освои првата титула по 2008 година.

Сепак, работите не одеа така едноставно. Игокеа имаше водство и од 23 разлика во третата четвртина и се чинеше дека ќе ја продолжи доминацијата во домашната кошарка. Босна се разигра потоа, до крајот на тој период намали на осум разлика, во финишот дојде и на -4, но по 40 минути игра, резултатот гласеше 83-89, точно толку за да се игра продолжение.
Во него, Игокеа имаше водство од девет разлика, Босна не се предаде и на крајот се избори за пораз со 97-100, доволно за да ја освои титулата. Точка на титулата стави поранешниот кошаркар на Пелистер, Донтеј Карутерс кој на теренот помина помалку од 15 минити и постигна шест поени, но меѓу нив клучниот, за 95-99. Во финишот кошаркарите на Игокеа промашија едно слободно фрлање, па Вест од линијата стави точка на драматичниот меч. Пехарот го крена уште едно добро познато лице во македонската кошарка – Харис Делалиќ кој сега е капитен на Босна, а една сезона помина во МЗТ Скопје.


