Сега пензиониран полицаец кој работел како обезбедување во Мајами Хит, доби обвинување и може да заврши в затвор поради кражба и продажба на предмети кои биле во сопственост на Леброн Џејмс и другите кошаркари во екипата.
Маркос Томас Перез, сега 62-годишен, е обвинет дека во периодот додека работел во Мајами Хит, украл стотици маички, дресови и друга опрема и предмети на Леброн кои потоа ги продавал онлајн. За да не „боде очи“, сумите по кои ги продавал главно не биле големи, но за сите нив собрал над 2 милиони долари.
Најскапо го продал дресот што Леброн Џејмс го носел во еден од финалните натпревари во НБА бидејќи за него добил 100 илјади долари. Истиот дрес подоцна на аукција на Сотби бил препродаден за 3,7 милиони долари.
Интересно е тоа што предметите кои Перез ги украл се од периодот кога тој не работел во франшизата од Флорида. Бил обезбедување на Мајами Хит од 2016 до 2021 година, додека Леброн играше таму од 2010 до 2014 година. Сепак, тој имал пристап до просториите каде што се држени документи и предмети што се чувале за подоцна да бидат изложени во музејот на Мајами Хит. Неофицијално, според документите, Перез украл вкупно околу 400 дресови што играчите ги носеле на натпревари, плус други предмети.


