Репрезентативецот на Бахами, Диандре Ејтон ќе биде нов играч на Лос Анџелес Лејкерс откако ноќеска Портланд го раскина договорот со него, една година пред истекот.
Ејтон од денеска е слободен играч, а ЕСПН јавува дека ќе потпише договор со Лејкерс на две години со можност за продолжување на уште една. Портланд мора да му исплати на Ејтон 25 милиони долари за следната сезона, а Лејкерс за двегодишна соработка ќе искешираат 16,6 милиони. Според американските медиуми, Блејзерс му го прекинаа договорот на својот центар поради неговите лоши навики и доцнењето на тренинзите и натпреварите, но од друга страна Ејтон минатата сезона, на 40 натпревари просечно постигнуваше по 14 поени и 11 скока, а не го криеше своето незадоволство од просечниот тим во кој игра.
Ејтон беше прв пик на драфтот во 2018 година кога во НБА влезе и Лука Дончиќ, како трет. Го избра Феникс каде ги помина првите пет сезони од кариерата, но освен тоа што во првата сезона беше избран во идеалната петорка на дебитанти, немаше поголеми успеси. Двајцата, заедно со Леброн Џејмс ќе се обидат конечно да освојат титулата и да ги оправдаат најавите дека имаат шампионски ген.


