Во своите тинејџерски години, Виктор Исајлоски беше сметан за иднина на македонската кошарка и еден од плејадата тогаш млади играчи кои наскоро треба да блеснат и во сениорската репрезентација.
Во тој период беше редовен член на младинските селекции, а во првиот тим на МЗТ Скопје дебитираше на 17-годишна возраст. Многумина му предвидуваа блескава кариера, како поради извонредните настапи, така и поради неговите квалитети – одличен шут од дистанца и полудистанца, добар скок и кошаркарска интелигенција. Врв беше финалето од М18 првенството во 2019 година кога ја постигна тројката за победа и титула на МЗТ Скопје во дуелот со Водно Санс.
Се се смени во 2020 година кога, како член на МЗТ Скопје УБ ги скина лигаментите на десното колено поради што мораше да паузира речиси цела сезона. Истата повреда ја обнови неодамна, на натпревар меѓу неговиот Шкупи и Тетекс во Втората лига и за него оваа сезона е завршена. Хируршкиот зафат е извршен во болницата „8 Септември“ од докторот Несторовски.
Во меѓувреме, 22-годишниот Исајлоски го почна процесот на рехабилитација и се очекува да се врати за подготовките за новата сезона, на почетокот од септември.


