Кошаркарскиот клуб Куманово 2009 денеска го претрпе вториот службен пораз оваа сезона по што следува негова дисквалификација од Втората лига на Македонија.
Кумановци требаше да му гостуваат на Шкупи, но не допатуваа во Скопје, па второлигашката конкуренција ќе остане со 11 екипи до крајот на сезоната. Она што е уште поважно е што на Куманово му се заканува згаснување што ќе биде огромна загуба со оглед на тоа што се работи за поранешен вицешампион и финалист во Купот на Македонија.
Куманово играше во финалето од плејофот во 2002, 2015 и 2016 година, првиот пат загуби од Работнички, а во другите два настапа од МЗТ Скопје. Во финалето од Купот играше во 2013 година кога доживеа пораз од МЗТ Скопје, а има и едно учество во финалето од БИБЛ лигата, во 2017 кога подобар беше Берое.
Низ Кошаркарскиот клуб Куманово поминаа плејада врвни македонски кошаркари, репрезентативци на Македонија, но и интернационалци кои оставија длабока трага. Не така одамна, пред 7-8 година во салата во Куманово имаше по 5-6.000 гледачи кои го бодреа овој клуб поради што и Куманово важеше за најкошаркарски град во земјава во тој период.
КК Куманово се наоѓаше во слична ситуација и во 2003 година кога привремено престана да функционира, но беше обновен шест години подоцна, па можеби и сега ќе се повтори таа приказна. Куманово како кошаркарски центар нема да згасне бидејќи таму веќе има друг амбициозен субјект – МКК Куманово, под водство на најтрофејниот тренер во земјава Марин Докузовски кој е на добар пат да избори пласман во прволигашка конкуренција. Сепак, жално е што клуб со долга историја се наоѓа во тешка ситуација и може да ја доживее судбината на Жито Вардар, Кочани Деликатес, Николферт, Карпош Соколи итн.


