Шпанскиот прволигаш Валенсија обезбеди пласман на завршниот турнир од Евролигата, откако вечерва го победи Панатинаикос со 81-64 во одлучувачкиот, петти натпревар од четвртфиналната плејоф серија.
Со тоа, Валенсија направи историски подвиг бидејќи го елиминира ПАО и покрај тоа што губеше со 0-2 по првите натпревари од серијата и тоа на домашен терен. Во следните два меча, во Атина, шпанскиот тим славеше, а вечерва пред своите навивачи го комплетира историскиот подвиг бидејќи стана само вториот тим во историјата на Евролигата, во сегашниот формат, кој врзал три триумфи откако губел со 0-2 и се пласирал на Ф4.
Валенсија апсолутно заслужено стигна до победата вечерва бидејќи водеше безмалку во текот на целиот натпревар. Панатинаикос само двапати се најде во предност и тоа во вториот период, со 15-14 и 17-16, за до крајот на полувремето, домашниот тим да поведе и со 35-18. Грците се обидоа да се вратат, дојдоа до три поени негатива, но не го направија последниот чекор.
Како резултат на тоа, Панатинаикос нема да се бори на домашен терен за титулата во Евролигата, а Валенсија во полуфиналето ќе се сретне со својот шпански ривал Реал. Втората двојка ја сочинуваат Олимпијакос и бранителот на титулата Фенербахче.


