Репрезентацијата на Португалија со победа го одбележа враќањето на европските првенства по пауза од 14 години.
Во првото коло од шампионатот што почна денеска, Португалците ја совладаа Чешка со 62-50 во меч кој не беше посебно атрактивен, но им донесе големо задоволство на (на хартија) аутајдерите на првенството. Португалците се во мошне тешка група, но денешниот триумф ги носи во борба за едно од првите четири места на табелата.
Денеска блескаше центарот Немиас Куета кого добро го познаваат љубителите на НБА лигата. Кошаркарот на Бостон Селтикс, кој лани освои и шампионска титула, одигра натпревар што ќе остане во сеќавањата од ова Европско првенство. За 30 минути во игра, Куета постигна 23 поени и 18 скока, со само четири промашувања од игра од 15 шута. На крајот имаше индекс 39, поголем од сите негови соиграчи заедно.
Осум од овие 23 поени, кошаркарот на Бостон постигна во последната четвртина кога Чешка се закани дека ќе направи пресврт и се доближи на пет разлика. На негова иницијатива, Португалија направи серија од 9-0 и поведе со 60-46 на нешто повеќе од минута пред крајот со што победникот беше конечно решен.
Кај Чешка, која на овој шампионат игра без своите две најголеми ѕвезди Саторански и Весели, само Вит Крејчи беше двоцифрен, но со едвај десет постигнати поени.


