Репрезентацијата на Србија вчера ги почна подготовките за последните два меча од квалификациите за Европското првенство, а уште на стартот бура предизвика гостувањето на селекторот Светислав Пешиќ во еден поткаст.
Меѓу другото, зборуваше за тоа кој би требало да го наследи на клупата на националниот тим и ја изненади јавноста, предлагајќи го Зоран Лукиќ.
„Зоран, јас имам решение. Не можеме да одиме, а да не се договориме ништо. Еве, јас ќе го одработам Европското првенство, а ти дојди во својата татковина. Живееш во Белград, земи ја репрезентацијата. Велат дека Србија нема тренер, па еве тренер, има искуство во репрезентацијата на Русија, во работата со клубови и со млади кошаркари. Само ти и Човиќ да се согласите“, рече Пешиќ.
Лукиќ од 2021 година е селектор на руската репрезентација, но таму реално нема работа бидејќи „Зборнаја“ од 2022 е дисквалификувана од ФИБА и не може да се натпреварува во квалификациите, ниту да игра на Европското првенство. Станува збор за 53-годишен стручњак кој последните две децении од кариерата ги помина во Русија, со исклучок на една сезона во која беше тренер на Банвит.
Пешиќ има договор со Кошаркарскиот сојуз на Србија до 30 септември 2025 година со можност тој да биде продолжен на уште една година, но во 2026 нема големо кошаркарско натпреварување што значи дека, евентуално, би можел да го води националниот тим на почетокот од квалификациите за Мундијалот.


