Еден од најдобрите словенечки кошаркари на сите времиња Горан Драгиќ синоќа официјално ја заврши својата богата кариера со спектакуларен натпревар кој се одржа во Љубљана.
На спектаклот, наречен „Ноќта на змејот“ учествуваа бројни словенечки, европски и светски кошаркарски ѕвезди и над 15 илјади гледачи кои на достоинствен начин му се заблагодарија на Драгиќ за се што направи за нив во претходните 20-тина години. На теренот, прекрасна забава приредија Лука Дончиќ, Никола Јокиќ, Бобан Марјановиќ, Богдан Богдановиќ и уште многу големи имиња на светската кошарка. На крајот, Драгиќ во солзи се прости од својот омилен спорт и им се заблагодари на сите присутни за спектаклот што му го приредија.

„Благодарен сум на семејството, пријателите, публиката и играчите кои издвоија време и дојдоа да ме испратат во пензија. Фала на сите што дојдовте од Словенија, Србија, Европа, САД… Ви благодарам на сите, ви посакувам се најдобро и се надевам дека повторно ќе се сретнеме“, рече Драгиќ додека публиката неколку минути го скандираше неговото име.

Тој ја почна својата професионална кариера во 2004 година во Слован, играше и за Мурсија и Олимпија Љубљана пред да замине во НБА лигата на 22-годишна возраст. Таму беше член на Феникс, Хјустон, Мајами, Торонто, Бруклин, Чикаго и Милвоки, а краток период, за време на локаутот во 2011 година го носеше дресот на Басконија. Најголемиот успех го оствари со словенечката репрезентација со која во 2017 ја освои титулата на Европското првенство и притоа беше прогласен за МВП на шампионатот.
Во негова чест, Кошаркарскиот сојуз на Словенија одлучи да го повлече од употреба бројот 3 како прв словенечки играч кому му е укажана таква почит.


