На два дена пред почетокот на Олимписките игри, а откако завршија подготвителните натпревари, ФИБА го објави своето последно рангирање, односно прогноза за конечниот пласман на најголемата спортска манифестација.
Во однос на рангирањето пред 12 дена, има неколку интересни промени, но водечкото дуо останува на врвот – САД и Германија. Србија се искачи едно место и сега, според ФИБА, е кандидат за бронзениот медал, Канада исто така има поместување од едно место напред, а Австралија се качи за две позиции. Најголеми разочарувања се домаќинот Франција која доживеа порази на последните четири натпревари и на рангирањето падна за четири места, како и Грција која немаше доволно време за финални подготовки и пријателски натпревари откако на почетокот на јули обезбеди пласман на Олимписките игри.
Од дното се помести Јужен Судан кој имаше одличен циклус пријателски дуели и најмногу изненади против САД во меч во кој беше и блиску до победа.


