Стеф Кари уште еднаш покажа зошто важи за еден од најдобрите кошаркари во историјата. Ѕвездата на Голден Стејт приреди спектакуларен потег против Лука Дончиќ, кој веднаш стана една од главните теми по дербито со Лос Анџелес Лејкерс.
Во третата четвртина, Кари со неколку брзи промени на правецот го измести Дончиќ, кој заврши на паркетот, а потоа кошаркарот на Вориорс погоди и тројка со што ја круниса фантастичната акција. Сето тоа предизвика воодушевување кај навивачите и беше еден од најатрактивните моменти на натпреварот.
Но, шоуто на Кари не заврши со атрактивната тројка. Голден Стејт направи неверојатен пресврт и славеше со 112-95, иако на почетокот губеше со цели 25 поени разлика. Лејкерс ја добија првата четвртина со 38-15, но Вориорс возвратија со идентични 38-15 во вториот период и на паузата резултатот беше израмнет.
Are you not entertained ⁉️ @Chase || Play of the Game https://t.co/wuEebi5tZx
— Golden State Warriors (@warriors) October 31, 2026
Кари го заврши натпреварот со 31 поен, шест асистенции и четири скока, погодувајќи осум тројки. Дончиќ беше најефикасен на теренот со 37 поени, седум скока и пет асистенции, но неговиот настап не беше доволен за победа на Лејкерс.
Голден Стејт така приреди историски камбек, а дуелот меѓу Кари и Дончиќ доби и еден потег кој сигурно долго ќе се врти на кошаркарските профили и социјалните мрежи.


