Неполн месец по освојувањето на бронзениот медал на Олимписките игри во Париз, Светислав Пешиќ ја напушти селекторската позиција во српската репрезентација.
Својата одлука тој ја најави уште во текот на подготовките, а денеска ја потврди, со цел новите предводници на Кошаркарскиот сојуз на Србија да имаат доволно време да најдат негов наследник.
„Претседателот на КСС, Предраг Даниловиќ поднесе оставка, како што разбрав, го направи тоа за да му овозможи на новото раководство да формира нов стручен штаб и цели. Што се однесува до мене, јас уште пред Париз соопштив дека некој друг треба да го продолжи она што го почнав. Бидејќи гледам дека некои не ме слушнаа добро, сега им препорачува на одговорните, дека треба, меѓу другото, да бараат и нов селектор. Јас, се разбира, ќе бидам тука да ѝ помогнам на српската кошарка, но ќе се свртам кон други проекти за кои немав време досега бидејќи 24 часа му бев на располагање на националниот тим на Србија“, изјави Пешиќ.
Тој ја презеде репрезентацијата во 2021 година и по разочарувањето на Европското првенство година подоцна, освои сребро на Мундијалот во 2023 и бронза на неодамна одржаните Олимписки игри.


