Кошаркарот на Фенербахче, Скоти Вилбекин нема повеќе да се врати на терените оваа сезона откако денеска доживеа тешка повреда на мечот од првото коло на Евролигата, против Олимпијакос.
Во финишот од првата четвртина, тој се пожали на болки во коленото поради што му беше укажана помош и беше изнесен надвор од игралиштето, а медицинските прегледи ги потврдија најлошите прогнози. Доцна вечерва се огласи и Фенербахче со соопштение.
„Нашиот кошаркар Скоти Вилбекин доживеа повреда на десното колено за време на мечот против Олимпијакос. Прегледите покажаа дека ги скинал предните вкрстени лигаменти поради што е неопходна операција и таа ќе биде извршена во најкус можен рок“, пишува во соопштението од Фенербахче.
Паузата за вакви повреди трае меѓу 8 и 10 месеци, а со оглед на тоа што Вилбекин има 31 година, не е исклучено кај него да трае и подолго. Тоа секако значи дека за него оваа сезона е завршена уште на нејзиниот почеток.


