Она што пред два дена го најавија Емил Рајковиќ и Велимир Перасовиќ, денеска доби потврда откако и ВТБ лигата објави дека Ненад Димитријевиќ нема да игра на Ол стар натпреварот, на 18 февруари.
Димитријевиќ е цврсто решен да настапи за македонската репрезентација во февруарските квалификации против Естонија и Полска и најверојатно порано ќе пристигне во Скопје. Ол стар натпреварот се поклопува со подготовките за овие два меча и Димитријевиќ го одредил како приоритет репрезентативниот ангажман.
На негово место, во тимот на Емил Рајковиќ, кој го избра Димитријевиќ на завчерашниот драфт, ќе настапи кошаркарот на Астана, Маркел Џонс кој игра одлично оваа сезона и просечно постигнува по 14,7 поени, 7,8 асистенции, 3,3 скока и 2 украдени топки со индекс 20.


