Бразилскиот плејмејкер Јаго дос Сантос многу веројатно ќе се врати во Црвена Звезда иако неодамна беше буквално избркан од раководството на клубот и тренерот Јанис Сферопулос.
Одлуката за негово ангажирање не е донесена само поради поразот од Олимпија Милан, туку е резултат на низа повреди кои сериозно го потресоа тимот. Девонте Греам се повреди при слетувањето на натпреварот против Фенербахче на Крит и, како што потврди тренерот Јанис Сферопулос, моментално се движи во заштитна чизма, па нема да може да игра во Минхен. Ајзеа Кенан заработи повреда на предните вкрстени лигаменти на натпреварот против Дубаи во Суперкупот на ВТБ и се очекува да отсуствува подолг период.
Пред почетокот на подготовките Црвена Звезда објави дека не смета на Јаго, па затоа тој остана во Бразил. Сепак, тој го помина тој период продуктивно – го освои Купот на Америка со репрезентацијата и беше прогласен за најкорисен играч на турнирот. Иако ова не резултираше со нов договор, тој остана во својата татковина каде што тренираше индивидуално. Повредите не ги поштедија ниту другите членови на тимот. Кубанскиот центар Хасиел Риверо се повреди против Олимпија, а според Сферопулос, повредата изгледа сериозна.
Поради тоа, како што стојат работите, Звезда изгледа ќе треба да бара и центар, а време нема, исто како што нема и многу слободни центри на пазарот. Не е исклучено судбината на Јаго да ја доживее и Лука Митровиќ кој исто така има активен договор со Звезда, но Сферопулос го извести дека не смета на него и тој не тренира со екипата.


