Екипата на МЗТ Скопје поведе со 2-0 во финалето од плејофот во македонското кошаркарско првенство откако славеше и на вториот меч на домашен терен.
Слично како на првиот натпревар во саботата, победата беше изразена со пет поени разлика со тоа што пред три дена беше 82-77, а вечерва 80-75. Пелистер повторно пропушти голема шанса за брејк, па МЗТ е на еден триумф од 11. шампионска титула во својата историја.
Битолчани не го искористија одличниот почеток и фантастичната игра во првата четвртина во која водеа со 22-8. Во првите седум минути МЗТ Скопје имаше 1/9 од игра, а на гостите се им одеше од рака. Но, место да го задржат нивото на игра, кошаркарите на Пелистер брзо паднаа, МЗТ направи серија до 11-0 и се доближи на само три поени негатива, а веќе на средина од вториот квартал дојде до промена на водството (31-30).
Последниот удар, Пелистер го зададе на стартот од второто полувреме кога поведе со 48-46, МЗТ одговори со 12-0 и до крајот не го испушти водството. Пелистер знаеше да се доближи на еден посед негатива, последен пт на три минути пред крајот, ама не и да го комплетира пресвртот кој ќе им донесеше 1-1 во серијата. Во клучните моменти повторно до израз дојдоа квалитетот и сигурноста на браќата Стојановски кои со неколку клучни скокови и кошеви го одржаа водството на МЗТ Скопје.
Танасковиќ беше најдобар играч на шампионот со 16 поени и 12 скока, Делалиќ постигна 15, а Дамјан Стојановски 13 поени. Костоски со пет тројки и 17 поени го предводеше Пелистер кој ќе биде домаќин на третиот натпревар во обид да избегне „метла“ и да ги одржи шансите за прва титула во својата историја.


