Иако е општо мислењето дека Работнички ги надмина финансиските, па и резултатските проблеми и тргнува во подобри времиња, изгледа дека не е баш така.
Кошаркарите и стручниот штаб на клубот од Градски парк почнаа штрајк поради неисплатени плати и нема да тренираат додека не ги добијат финансиските средства.
„Во штрајкот се вклучени играчите, тренерите и сите вработени во Кошаркарскиот клуб Работнички кои предолго чекаа на своите пари. Екипата нема да биде во тренажен процес, а на играчите им се должат по 2-3 плати (во зависност од тоа кој кога дојде во клубот) од тековната сезона.
Револтирани сме и од негрижата за тимот бидејќи исто така поради неисплатени плати, во главниот дел од сезоната останавме без кондициски тренер откако си замина Кристијан Кајчевски. Сметаме дека заслуживме подобар однос со досегашните резултати затоа што екипата се наоѓа во серија од шест победи, остваривме триумфи против некои од најголемите ривали за титулата, го победивме МЗТ Скопје првпат по три години и се доближивме дури и до првото место на табелата. Освен тоа, направивме хемија во тимот, гинеме сите за еден и тоа се чувствува во секој сегмент од нашето функционирање.
Ако не бидеме исплатени, екипата нема да отпатува на претстојниот натпревар против Еуро Никел, во следното коло од домашното првенство, без оглед на сите консеквенци со кои би се соочиле како клуб“, пишува во соопштението испратено до КОШ.МК.
Ваквиот развој на настаните доаѓа на десетина дена пред завршницата од Купот на Македонија во која Работнички, според резултатите во последно време, ќе биде еден од фаворитите за трофејот.


