Поранешниот репрезентативец на Летонија, Јанис Тима (32 години) е пронајден мртов на влезот на една резиденцијална зграда во Москва, соопштија руските медиуми.
Според првичните, неофицијални информации, станува збор за самоубиство, а се поврзува со обидот на кошаркарот да се смири со својата поранешна сопруга Ана Седокова. Наводно, до неговото тело бил најден телефон на чиј екран пишувало: Повикајте ја Ана.
Тима своевремено беше голем талент на европската кошарка и му се предвидуваше НБА кариера. Во 2015 година, како член на ВЕФ Рига беше прогласен за најдобар млад играч во ВТБ лигата, подоцна играше за Зенит, Басконија, Олимпијакос, Химки, Уникс, Дарушафака и Обрадоиро, но најдалеку што стигна во САД беше филијалата на Орландо Меџик, Лејкленд. Во 2013 година беше избран како 60. пик на драфтот од Мемфис Гризлис кој подоцна му ги пренесе правата за него на Орландо.
Долго време беше стандарден репрезентативец на Летонија со која настапи на европските првенства во 2015 и 2017 година, како и на квалификациите за Олимписките игри во 2016.


