Најдобриот македонски кошаркар во моментов Ненад Димитријевиќ во новата сезона ќе игра за нов клуб откако во текот на летото потпиша договор со Олимпија Милано.
Тој веќе се приклучи на подготовките за италијанскиот првак, а до крајот на идната недела ќе се работи на физичката подготовка на играчите. Олимпија Милано го објави планот за пријателски и официјални натпревар по што стана јасно кога Димитријевиќ ќе го забележи своето деби во новиот клуб.
Првиот меч во дресот на Олимпија, плејмејкерот ќе го има на 31 август против Варезе, но тој ќе биде од пријателски карактер и зад затворени врати. На 4 септември шампионот игра против Тортона, на 6 септември против Бреша повторно зад затворени врати, а на 8 септември против Хапоел Ерусалим. Главниот тест пред стартот на сезоната ќе биде турнирот на Крит на 14 и 15 септември каде ќе учествуваат уште Фенербахче, Виртус и Олимпијакос.
Своето деби на официјален натпревар, Димитријевиќ ќе го запише на 21 септември кога се игра полуфиналето од италијанскиот Суперкуп. Противник на Олимпија Милано ќе биде Венеција, а домаќин на турнирот ќе биде Болоња.


