Уште неполна недела останува од подготовките на У20 репрезентацијата на Македонија до почетокот на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Ерменија.
Пред две години, селекцијата на оваа возраст го освои второто место на шампионатот во Скопје и обезбеди пласман во елитната конкуренција, но лани испадна и сега повторно ќе игра во Б-дивизијата. Селекторот Горан Самарџиев имаше мали проблеми околу составот, поради професионални обврски отпаднаа можеби најдобрите играчи на оваа возраст Андреј Шошкиќ и Рубин Стефанов, но во тимот сепак има кошаркари кои можат да донесат нова радост.
„Направивме добри подготовки за Европското првенство, имавме одлични услови за тренинзи, со само еден хендикеп, а тоа е одигрување квалитетни пријателски натпревари. И покрај тоа, ќе се обидеме да се прикажеме во најдобро светло и да одиграме на највисоко ниво.
Предност на оваа репрезентација е тоа што кошаркарите добро се познаваат, играат заедно неколку години нанаад, дел од нив лани го освоија златото на Европското првенство Б-дивизија во јуниорска конкуренција, а некои ќе бидат во тимот и догодина. Групата е мошне силна, еве, на пример У19 репрезентацијата на Швајцарија стигна до четвртфиналето на Светското првенство, а играчи од таа екипа можат да настапат и на шампионатот во Ерменија. Наш адут треба да биде колективната игра и желбата за докажување.
Ќе одиме натпревар по натпревар, најважно е играчите да дадат максимум за Македонија. Очекувам залагање до крај, а се надевам дека резултатот ќе дојде сам по себе“, вели Самарџиев на неколку дена пред заминувањето за Ереван.
Македонија се наоѓа во Ц групата на Европското првенство, а противници ѝ се Швајцарија, Австрија, Холандија, Грузија и Данска.


