Поранешниот кошаркар на Пелистер, Предраг Созовски денеска официјално е поставен за нов извршен директор на битолскиот суперлигаш.
Тој доаѓа на местото на Филип Ивановски кому му истече договорот со Пелистер и си заминува, заедно со спортскиот директор Марјан Илиевски. Созовски беше еден од кошаркарите со најдолг стаж во Пелистер, а како што објавија од клубот, во иднина целосно ќе се посвети на обврските во поранешниот вицешампион на Македонија што значи дека ќе се повлече од својата позиција – директор на ОУ „Свети Климент Охридски“ од Битола.
Ова е прв чекор во насока на преструктурирањето на Кошаркарскиот клуб Пелистер кој во иднина ќе функционира и без досегашниот спонзор. Наскоро се очекува да се знаат и кошаркарите кои ќе ги бранат боите на клубот во новата сезона, како и амбициите во домашното првенство.


