Откако пред два дена Ергин Атаман беше назначен како прв фаворит за нов тренер на Реал Мадрид, работите драстично се сменија и најтрофејниот шпански клуб сега е пред ново решение.
Марка објави дека менаџментот на клубот одлучил да ја исплати откупната клаузула од еден милион евра и да го донесе официјално најдобриот тренер во Евролигата, Педро Мартинез кој сезонава ја водеше Валенсија до титулата во шпанското првенство, како и во домашниот Суперкуп. Мартинез, наводно, нема против да го преземе Реал и покрај амбициозниот проект на Валенсија чиј лидер требаше да биде следните години. Искусниот стручњак ќе потпише тригодишен договор за плата од 1,2 милиони евра по сезона.
Сепак, за да се случи ова, Реал прво треба да ја прекине соработката со Серџо Скариоло кој има договор на уште три години и во моментов, според шпанските медиуми, се преговара за условите за разделбата.
Со евентуалното заминување на Мартинез, ќе продолжи егзодусот во редовите на новиот шампион на Шпанија од каде се најавени трансфери на речиси сите главни играчи: Жан Монтеро, Дариус Томпсон, Хаиме Прадиља, Сергио де Лареа, Бранку Бадио, Брекстон Ки и Мет Костело. Се очекува да дојде Ти Џеј Шортс кој наводно веќе има договор со клубот, но останува да се види дали тој ќе реагира на можното заминување на Мартинез.


