Иако пред две недели изјави дека не постојат никакви шанси да остане на селекторската позиција во српската репрезентација, Светислав Пешиќ се согласил да потпише нов, едногодишен договор со Кошаркарскиот сојуз.
Тоа го тврдат денеска медиумите во Србија кои додаваат дека на ваков исход инсистирал лично новиот претседател на КСС, Небојша Човиќ. Пешиќ прифатил едногодишен договор со цел да ја води Србија на Европското првенство и да се обиде да ѝ го донесе златото на својата земја.
Засега ништо од ова не е потврдено од Кошаркарскиот сојуз на Србија, но вчера Човиќ изјави дека најдоцна до крајот на месецов ќе се знае името на селекторот на националниот тим.


