Екипата на Партизан одигра одлично второ полувреме, се врати од минус 16 и на крајот, во белградската Арена, го победи Дубаи со 88-74, во натпревар од одложеното 30. коло од Евролигата.
Во првото полувреме се чинеше дека Дубаи има се во своите раце и дека без проблеми ќе го совлада немотивираниот домаќин. Не само што постојано водеше, туку пред крајот на втората четвртина, предноста изнесуваше максимални 16 поени (45-29). Пресвртот на Партизан почна пред крајот на полувремето, „црно-белите“ го затворија тој дел со серија од 7-0, а продолжи и во третиот период и вкупно изнесуваше 18-0.
Дубаи успеваше да се одржи во игра до средината на последната четвртина. но потоа Партизан повторно направи серија од 8-0 за водство од 76-68, а мечот го заврши со 14 поени разлика.
Белградскиот тим одамна ги загуби шансите за пласман во плејинот, но со оваа победа му помогна на својот голем ривал Црвена Звезда бидејќи Дубаи имаше шанса да ја стигне на табелата. За тимот од Обединетите Арапски Емирати ова беше крај на серијата од пет победи во Евролигата.


