Првиот човек на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса не ја поддржува идејата клуб од Дубаи да настапува во Евролигата.
Повеќе од една година се зборува за тоа, но досега нема никакви конкретни информации, ниту понуда или договор за остварување на ова сценарио, а не постои ни клубот со играчи и тренер во него. Наводно, влезот на Дубаи во елитното европско натпреварување ќе донесе многу пари, но Гарбахоса смета дека тоа нема никаква смисла.
„Клучниот збор е – шпекулација. Не сум видел предлог, договор или што и да е. Како претседател на ФИБА Европа, не ми се допаѓа фактот, екипа од друг континент да игра во европско натпреварување. Тоа е Евролига и во принцип, нема смисла. Ако ова евентуално се случи, ќе мораме да видиме како тоа сценарио ќе влијае на патувањето на играчите и клубовите. Ова не ми се допаѓа“, рече Гарбахоса.
Последните шпекулации се дека клуб од Дубаи нема да игра во Евролигата, туку во Еврокупот, како и во АБА лигата иако не е јасно како тоа ќе биде изведено.


