На околу три месеци пред крајот на сезоната, речиси се оди во прилог на Реал кој има нова можност да се закити со трофеите во сите натпреварувања во кои учествува.
Веќе ги освои Купот и Суперкупот на Шпанија, прв е на табелата во Евролигата, како и во домашното првенство каде секако е фаворит за титулата. Сепак, дури и во такви услови, сите во клубот се свесни дека претстои жешко и напорно лето во кое управата на клубот ќе има многу работа.
Пред се, поради тоа што истекуваат договорите на половина кошаркари: Серхио Родригес, Сергио Љуљ, Руди Фернандес, Марио Хезоња, Еди Таварес, Венсан Поарие и Фабијан Козер, како и на тренерот Чус Матео. Обврски до 2025 година имаат Факундо Кампацо, Карлос Алосен, Џанан Муса, Габриел Дек, Гершон Јабуселе, Алберто Абалде и младите Гонзалес, Ндиаје и Диањ. Веќе сите се свесни дека Хезоња ќе си замине, а тешко одат преговорите и со Таварес кој има многу побогати понуди и сака да го искористи тоа. Освен тоа, истекот на договорите на тројцата ветерани ќе треба да го детерминираат новиот курс на Реал кој последните години беше предводен од Љуљ, Родригес и Фернандес, а тие се длабоко навлезени во четвртата деценија од животот.
Засега има најави само дека Усман Гаруба е расположен да се врати во Реал, а клубот е заинтересиран за шпанскиот репрезентативец Лоренцо Браун. За се останато, веројатно и за прашањето околу тренерот, ќе се разговара дополнително со тоа што тешко дека Реал ќе може да го избрка Чус Матео ако тој ги освои и останатите два трофеја.


