Најдобриот играч во НБА пигата од минатата сезона Жоел Ембид се наоѓа во голема дилема – дали да прифати операција на менискусот или да го лекува со одмор.
Тој се повреди на почетокот од оваа недела, на дуелот со Голден Стејт, кога врз него падна противничкиот играч Џонатан Куминга. Дијагностициран му е процеп во менискусот, а докторите се посериозно ја разгледуваат опцијата за операција која би значела крај на сезоната за Камерунецот со американски пасош. Втората опција е одмор и рехабилитација, но така е неизвесно дали ќе се дојде до посакуваниот резултат и не е исклучено во натамошниот дел од сезоната повторно да дојде до слична повреда.
Како и да е, ова најверојатно значи дека Ембид ќе испадне од трката за МВП признанието оваа сезона бидејќи за да остане во конкуренција, потребно му е да одигра барем 65 натпревари, а тој веќе пропушти 13. До пред повредата, играчот на Филаделфија беше прв кандидат за наградата, дури и пред Јокиќ бидејќи играше фантастично и неодамна постигна 70 поени на натпревар.
Во вакви услови, во прашање е доведен и настапот на Олимписките игри во Париз иако Ембид беше проектиран како стартен центар на американската репрезентација. Се разбира, во најголем проблем е Филаделфија која без својот најдобар играч драстично ги губи шансите за висок пласман оваа сезона.


