Литванскиот репрезентативец Јонас Валанчиунас се соочи со неочекувани проблеми откако Денвер Нагетс го блокира неговиот договор со Панатинаикос.
Искусниот центар во петокот пристигна во Атина каде требаше да ги помине лекарските прегледи и да стави потпис на договорот со „детелинките“, но можно е целата операција да пропадне. Валанчиунас е врзан со Денвер на уште една година и во случајов се прашува и за се одлучува франшизата од Колорадо.
Ако во Денвер сфатат дека немаат иднина со Валанчиунас, можно е да го трејдуваат, но секако конечната одлука е на менаџментот на овој тим.
Литванецот за претстојната сезона има загарантирани 10,4 милиони долари во Нагетс, додека ПАО му нуди тригодишен договор за 12 милиони евра. Главната причина за желбата да се врати во Европа, како што призна тој, е тоа што со неговата сопруга одлучиле дека им е доста од животот во САД.


