Поради повреда на коленото, првата ѕвезда на Лос Анџелес Клиперс, Кавај Ленард ќе го пропушти почетокот на новата сезона на НБА која стартува идната недела.
Својот прв натпревар, тимот од Калифорнија ќе го одигра на 24 октомври против Феникс, но не постојат шанси на него да се појави освојувачот на две шампионски титули во НБА. Ленард пропушти 12 од последните 14 натпревари на Клиперс минатата сезона, а поради повредата на коленото не играше ни на Олимписките игри во Париз.
„Ленард продолжува со рехабилитацијата. Неговата состојба е подобра, но не знаеме детали“, кратко изјави тренерот на Клиперс, Тајрон Лу.
Повредите на Ленард се меѓу главните причини што Клиперс последните години не успеваат да се вмешаат во борбата за титулата и покрај тоа што имаа респектабилен ростер.


