Трет пат по ред, актуелниот шампион на Македонија, Баскет Кам е освојувач на Суперкупот што го носи името „Драган Василов Цевка“.
Во реприза на ланскиот дуел од истото натпреварување, тимот од Македонска Каменица славеше против МЗТ Скопје со 74-54 со што ја продолжи доминацијата и во Суперкупот и генерално, во македонската женска кошарка. Тимот од Аеродром беше немоќен да стори нешто повеќе, а како да се предаде и пред натпреварот, судејќи според изјавите од таборот на овој клуб.
Како ќе се одвива натпреварот можеше да се забележи уште во првата четвртина која Баскет Кам ја доби со 23-10 и брзо направи двоцифрена предност. Во вториот период МЗТ успеа во неколку наврати да се доближи на -7, но тоа беше се од овој тим. Баскет Кам во второто полувреме брзо ја врати високата предност и до крајот на дозволи да има резултатска драма.
Поп Димитриовска со 21 поен, 7 скока и 4 асистенции беше најдобар кај Баскет Кам, а се истакна и Кметовска со 14 поени и 13 скока. Кај МЗТ, најефикасна беше Сарафилоска со 17 поени.


