Со два натпревара, денеска продолжува четвртфиналето од плејофот во македонското кошаркарско првенство.
Првиот круг од оваа фаза, со дуелите одиграни во текот на минатиот викенд завршија со победи на домашните екипи, па се уште се чека брејк на некој од тимовите. Таква можност денеска ќе имаат Феникс и Еуро Никел кои им гостуваат на Работнички и Пелистер.
Феникс во саботата за малку не го изненади најтрофејниот тим во земјава во меч кој беше неизвесен до последните секунди. Со четворица квалитетни странци, како и македонските ведети Бојан Трајковски, Ивица Димчевски и Андреј Митревски, Феникс и денеска ќе има што да покаже во Кале.

Еуро Никел не бше ни блиску до брејк во Битола каде загуби со 34 поени разлика од Пелистер. Кавадарчани имаат пад во формата во финишот од сезоната и ќе треба да сменат многу работи ако сакаат да израмнат на 1-1 во серијата со што ќе ја свртат предноста на домашен терен на своја страна.
ТФТ во саботата имаше голема шанса да го победи Чаир како гостин, но дозволи домашниот тим да направи пресврт во последната четвртина. Нова можност ќе биде утрешниот меч, на истото место. МЗТ Скопје ќе го пречека Гостивар в сабота бидејќи денеска има обврски во АБА 2 лигата.


